Светска конференција за Хередитарен ангиоедем – ХАЕ во Вашингтон, САД

Во периодот од 16 до 18 мај 2014 година во Вашингтон, САД, се одржа меѓународна конференција за ХАЕ со учество од 450 учесници од 30 земји од целиот свет. На конференцијата свое учество имаа пациенти и/или нивни роднини, доктори, фармацевтски компании, истражувачи и др. коишто имаа можност да проследат многу корисни презентации за истражувања врзани за болеста, достапните терапии и нивното дејство, како и да проследат презентации од неколку национални здруженија на пациенти со ХАЕ. ХАЕ Македонија имаше можност да ги презентира своите активности за периодот од мај 2012 година до мај 2014 година и да ги промовира двете видеа пред сите учесници. Добивме многу честитки за нашите активности и за енергијата што ја вложуваме за подигнување на јавната свест за болеста во Македонија, како и за нашите напори терапијата за ХАЕ да биде достапна за македонските пациенти.

За време на конференцијата се одржа и Генерално собрание на ХАЕи(интернационал) при што се усвоија годишните извештаи за работата на меѓународната организација  на пациенти, како и промената на статутот на организацијата. За време на собранието се избраа нови членови на Извршниот одбор на меѓународната организација. Имавме чест претседателката на ХАЕ Македонија, Наташа Јовановска да биде предложена пред конференцијата, а на генералното собрание да биде избрана за член на извршниот одбор на ХАЕи(интернационал). Ова претставува особена чест за малечка земја како нашата, со мал број пациенти, но и одговорност да бидеме ефикасни во нашите напори за поквалитетен живот за пациентите со ХАЕ на национално и меѓународно ниво.

Сликите од настанот може да ги прегледате тука

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *